Официјалните претставници на Мозамбик рекоа дека бројот на заболени од колера по катастрофалниот циклон што ја погоди земјата се искачи на 138.
Португалската новинска агенција „Луса“ го цитираше националниот здравствен претставник Усеин Исе во извештајот во четвртокот наутро, само еден ден откако беа пријавени само пет случаи на колера.
Оваа болест е главна грижа за стотици илјади преживеани кои сега се наоѓаат во многу лоши хигиенски услови. Болеста се шири преку контаминирана храна и вода, предизвикува акутна дијареа и може да доведе до фатален исход за неколку часа ако не се третира со орален раствор за рехидрација или интравенски во тешки случаи.
Светската здравствена организација предупреди за „друга катастрофа” ако во опустошениот регион се прошират болести кои се пренесуваат преку вода. Во вторникот беше кажано дека 900.000 орални вакцини против колера се на пат кон регионот.