Институот за геогафија реагира на градба од 200 квадратни метри која преку ноќ „никнала“ на само десетина метри од земјените пирамиди во Куклица, во зоната на строга заштита на споменикот на природата.
„Значи во оваа држава кој што сака, тоа прави, гради кај ќе стигне, па и до најубавите демек законски заштитени природни појави што ги имаме. Пред некоја недела беа актуелни дивите платформи на Матка, а денес видовме огромно здание „никнато“ само 10-тина метри од земјените пирамиди во Куклица, во зоната на строга заштита на овој споменик на природата (кој требаше да биде една од ударните атракции на идниот геопарк). Пред неколку години, овде, без никаква консултација со стручни лица беше поставена бетонска платформа со барака, која изгоре во пожар. Денес, пак истото, само што не е барака туку некаков си инфо центар од 200 квадрати кој со својата големина, боја, положба, ги девалвира пирамидите до максимум. Да не зборуваме за прокопување на голем канал, бандери околу и штоти не. Срамота и штета што никој не реагира и не презема ништо за стопирање на вакви глупости. За споредба, слики од Ѓавоља Варош во Србија или Националниот парк Брајс во САД и како се уредени локалитетите со земјени пирамиди. Беда сме, а тој што ја финансирал и ја одобрил градбата на оваа глупост, треба добро да се замисли!“, објави порталот ИГЕО на нивниот Фејсбук профил.
Фото: ИГЕО