Средба на Балканската четворка во Букурешт

Премиерите на Грција, Бугарија, Романија Бојко Борисов, Алексис Ципрас и Виорика Данчила и српскиот претседател Александар Вучиќ одржаа Четиристрана средба на високо ниво, која овојпат се одржува во Букурешт.

Лидерите од балканските држави по седмипат одржуваат средба во овој формат, што е по иницијатива на Борисов.

– Денеска на многу сериозен и одговорен начин согледавме сè за што зборувавме на претходните состаноци и договоривме продолжување на инфраструктурните работи, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со останатите лидери по средбата.

Тој потенцираше дека за помалку од три месеци ќе биде завршен источниот крак од Коридорот 10, а за помалку од два – јужниот крак кон Северна Македонија, јави РТС.

– Тоа е важно за поврзувањето со Грција и Северна Македонија, истакна Вучиќ.

Балканската четворка разговараше за напредокот на заедничките проекти во регионот во сферите на транспортот, инфраструктурата и енергетиката. Меѓу иницијативите кои имаат силен потенцијал да придонесат за поврзување на регионот и економскиот развој, се изградба на интерконекторни врски, создавање на интермодален коридор кој ќе ги поврзува Егејското и Црното Море и проширување на транспортните врски низ Дунав.

Фокус на средбата беше ставен и на регионалната соработка и развојот на добрососедските односи, како и европската перспектива на Западен Балкан.

Треба да знаете
Последни објави