Фазлиу: Родово одговорното буџетирање е важен сегмент во процесот на демократизација на општеството

Родово одговорното буџетирање е важен сегмент во процесот на демократизација на општеството, кој ќе зајакнува со се поголемото вклучување на жените во политиката и во општеството, како и со подигањето на јавната свест и зголемување на родовата сензитивност и кај жените и кај мажите, наведе министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Тој, при обраќањето на денешниот форум „Родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија”, организиран од страна на UN Women, Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој, нагласи дека целосно ја поддржува заложбата за родово одговорно буџетирање и на локално ниво.

– Со транспарентно, инклузивно и одговорно управување со општините, локалните власти треба да обезбедат амбиент за поголемо вклучување на граѓаните, како и на соодветна претставеност на жените во процесите на донесување на одлуки, а ние ќе ги поддржиме во тој правец, истакна Фазлиу.

На настанот беше промовиран новиот проект за родово одговорно буџетирање, што го поддржува напредокот на државата во спроведување на националните и меѓународните заложби за родова еднаквост и зајакнување на жените кои се во согласност со Целите за одржлив развој и процесот на пристапување кон Европската Унија.

– Главна цел на проектот е да се подобри животот на жените, вклучувајќи ги најранливите групи преку системска и одржлива интеграција на родовата перспектива во сите фази на креирање на политики и буџетски процеси, соопштија од Министерството за локална самоуправа.

Наведоа дека, на локално ниво, интервенциите на проектот се фокусираат на политиките и буџетите за да се подобри животот на жените и мажите од најранливите групи преку користење на докажаните практики, идентификувани во претходните иницијативи за родово одговорно буџетирање.

Треба да знаете
Последни објави