(Видео) Заев и Бектеши oд Ќафасан: Со новиот терминал ќе ја зголемиме трговската размена со Албанија

За време на денешната посета на Охрид, премиерот Заев, министерот за економија, Бектеши и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски го посетија граничниот премин Ќафасан и направија увид во тековната состојба и подготовки на новиот царински терминал.

„Проектот се финансира од програмата ИПА и од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 1,48 милион евра коишто се грант и над 300.000 евра од буџетот. Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стоковни пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности, значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Она што е важно, со овој нов терминал ќе се забрза и олесни стоковната размена преку овој најфреквентен граничен премин кон Република Албанија а истовремено ќе се олесни и забрза транспортот по должина на пан европскиот Коридор 8“, посочи премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши се осврна на важноста и значајноста на овој нов царински терминал за забрзување и зголемување на трговската размена со Република Албанија која изнесува 166.1 милион долари со раст од 15.7%.

„Со воспоставување на One Stop Shop со Република Албанија, за што постапките ќе започнат набргу трговската, а воопшто и економската соработка ќе се зголемува, а протокот на стоки ќе биде побрз, поефикасен и побезбеден“, рече министерот Бектеши.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски рече дека овој проект е од голема важност за олеснување на трговијата и поедноставување на царинските формалности и ставање на европската мапа на Коридорот 8.

„Со завршувањето на овој терминал се исполнуваат условите за започнување на преговори со Европската унија, а со One stop shop значително ќе се намали времето на чекање на камионите. Овој граничен премин претставува и пилот испостава за воведувањето на системот за електронска обработка на декларации, софтвер којшто е компатибилен со системите на ЕУ“, рече директорот Танасоски кој воедно истакна дека е исклучително важно да се модернизираат царинските терминали со цел да се обезбеди сигурност и безбедност на транспортот на стоки и за спречување на нелегалната трговија за што како успешен пример го посочи денешното откривање и запленувањето на 350 килограми марихуана на граничниот премин Табановце од страна на царинските служби.

Треба да знаете
Последни објави