СДСМ се фалат со исплатени субвенции, а земјоделието бележи пад, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Озпозицијата смета дека земјоделските политики на владата се разочарувачки во Ресен со неможноста за пласирање на преку 50 илјади тони јаболко што се уште стојат неоткупени во ресенскиот регион. Негрижата за земјоделците е очигледна од страна на владата, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека пред само два дена протестирале сточарите во велешко за ниските откупни цени за јагнето кои се грабеж за сточарите.
„На неколку дена пред почетокот на интензивната берба на пролетната зелка, земјоделците се молат да не им се случи ланскиот откуп по мизерно ниски цени. Уште еден доказ за катастрофалните политики на владата и Николоски врз земјоделците е последниот извештај на Државен завод за статистика. Според податоците на ДЗС, бруто-додадената вредност во земјоделството во 2017 година бележи номинален пад од 12.8%.
Растителното производство во 2017 година, кое учествува со 65.0% во вкупното производство, бележи опаѓање од 13.6 % . Вредноста на добиточното производство, кое учествува со 24.2 % во вкупното производство, опадна за 2.8%.
Меѓуфазната потрошувачка, во 2017 година, бележи опаѓање од 4.8%. Номиналниот доход во земјоделството од производните фактори, по работна единица, бележи опаѓање од 5.7 %, додека реалниот доход од производните фактори бележи опаѓање од 5.0 %.
Очигледно очајни се политиките на СДСМ врз земјоделецот, министерот Николовски наместо да се фали со исплата на субвенции кои што за една влада треба да се одвиваат непречено, треба да си поднесе одговорност за мизеријата во која што го втурна македонскиот земјоделец“, додава ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.