Мартина Наумовска е млада девојка со прекрасна насмевка и енергија која плени, полна со емоции, духовита, желна за нови знаења и патувања низ животот. Едноставно личност за која светот и е многу мал. За 24 инфо вели дека доаѓа од фамилија на борци, визионери и интелектуалци, растена со премногу љубов и поддршка. Себе си се опишува како немирна, упорна и мотивирана личност која секојдневно се бори и работи на тоа да ги оствари своите многубројни цели и соништа. По образованието во светот почнувајќи од Америка, Виена, Португалија со полни куфери знаење се враќа во родната Македонија за да предава и биде дел од основачите на Академија за вештачка интелегенција, област која е многу популарна и на младите Македонци да им овозможи еден нов поглед кон светот.
Најтешкото прашање за одговор од секогаш ми било да дефинирам во една реченица која е Мартина Наумовска. Можам да се опишам како немирна, упорна и мотивирана личност која секојдневно се бори и работи на тоа да ги оствари своите многубројни цели и соништа. Љубовта кон математиката ме мотивираше уште од средношколските денови да истражувам сé повеќе и повеќе во областа и да барам ментори кои би ми помогнале да напредувам во истата. Желбата за нешто повеќе знаење и интернационално искуство постојано ми го менуваше местото на живеење, па така имав прилика да живеам, учам и работам во Феникс – Аризона, Виена и Лисабон- вели Наумовска. Средното образование го завршила во Америка каде ја изучувала математиката и физиката на факултетско ниво
-Иако бев примена на униерверзитетот во Аризона (ASU),решив да се вратам дома и да се запишам на студии по компјутерско инженерство и информатика на Електротехничкиот факултет. Едногодишниот престој во Америка за мене беше првата голема животна лекција што ме направи борбена, самостојна па дури и можеби пресериозна за мои години заради што по завршувањето на факултетот во Скопје во најкраток рок некако како логично да се наметнуваше продолжување на моето обрзование некаде надвор од државата- вели Наумовска.
Патот ја носи на Техничкиот факултет во Виена каде во рок од две години со огромен напор и многу непреспиени ноќи магистрирав на две Мастер програми, една во претприемништо и иновации, а друга за вештачка интелигенција.
-Дополнително, покрај студиите, работев во две Австриски старт-ап компании менаџирани од страна на моите ментори и професори чија приказна за жал не заврши успешно. Иако ваквиот спој на искуства во една дефицитарна струка како мојата, начелно значеше отварање на многу врати низ Европа, добивањето на работна дозвола без Европски пасош претставуваше долг административен процес.
Разочарана од неможноста веднаш да се вработам по магистрирањето, решив да се вратам во Македонија, со цел да се одморам и направам план за идините чекори во животот. Прилично интересен е фактот дека уште вториот ден по моето вракање дома, на една од кафе дружбите сретнав долгогодишни пријатели кои имаат слична интернационална приказна како мене, а кои во моментот работеа во Португалска консултантска компанија со желба да пенетрираат на Македонскиот пазар со отворена работна позиција во ИТ сегментот за кој се школував. Оваа опција ме мотивираше да останам дома на мое големо задоволство.Новата работа, одличниот тим и визијата која ја имаше компанијата ми даде нова енергија и ме мотивираше максимално да се вложам во креирање на тим компетентен во областа, менторирајки ги моите колеги и несебично споделувајќи го знаењето кое што го имав од претходно- вели Мартина.
За жал или за среќа, ова не траело долго, па добила понуда од мајката фирма во Португалија да работаи на двегодишен проект за Swiss Mobiliar кој значел огромен напредок за неа и нејзината. Овој проект ја однел во Португалија, каде што живеела и работела последните 18 месеци.
-Во моето неколкугодишно искуство имав прилика, покрај со Swiss Mobiliar,најстарата осигурителна компанија во Швајцарија, да работам и со други светски брендови меѓу кои би ги издвоила и Сваровски и ЕуроТурс како најголемата корпорација во Австрија, сопственик на огромни компании кои се занимаваат со туризам и превоз на патници. Сите овие животни предизвици ми донесоа огромно животно искуство, многубројни пријатели на 2 континтенти, незаборавни моменти, но и ми помогнаа да се изградам во личност чија цел е да креира и да врати нешто на своето општество, во својата матична земја- вели Наумовска.
Искуството кое го стекнала на овие проекти, методологијата на работа, како и начинот на размислување кое го имаат клиентите со кои соработувала е нешто што сака да го пренесе дома, во Македонија и истото да го искористи за профилирање на македонските професионалци на светскиот пазар.
-Компанија која што ја прифати мојата визија, а со која делиме исти цели и вредности е изградена од луѓе кои исто како мене живееле во странство и се вратиле дома. Тоа е компанијата Дата Мастерс, првата македонска компанија фокусирана во областа на бизнис интелигенцијата. Заедно сметаме дека можеме да допридонесеме во профилирање на македонските компании како реални консултанти на нтернационалниот пазар и да обучиме што е можно повеќе луѓе во областа кои би биле реални значајни бизнис ентитети во македонската економија и би и помогнале да биде во чекор со светските технолошки трендови. Резултат на нашата досегашна соработка е Дата МастерсАкадемијата која веќе започна со работа и која е првиот едукативен центар за Data Science во Македонија. Идејата ни е да започнеме со обуки во моделирање на податоци и Business Intelligence и основи на Data Science, a потоа во догледно време да понудиме и полугодишни и годишни академии кои условно кажано ќе произведуваат конкурентен кадар, обучен за предизвиците кои ги носи дигиталната трансформација- вели Мартина.
Не знае каков тип на предизвици ќе и донесе иднината, но премногу е возбудена и благодарна што има можност да си го оствари еден од нејзините најголеми соништа, а тоа е да придонесе барем малку за развојот на ИТ иднината во Македонија и да го пренесе нејзиното досегашно знаење. Животот го живе со отворени очи и чиста мисла, а тоа го црпи од огромната љубов и поддршка на нејзиното семејство и пријатели кои ги има насекаде.
Валентина Ангеловска
фото: Слободан Ѓуриќ