Наместо да измислува непостоечки сценарија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нека одговори за фирмата на неговиот баџанак и фирмите што пратениците од неговата партија ги отвориле во Бугарија. Ваква е реакцијата на СДСМ по повод прес-конференцијата на Димче Арсовски, кој и денеска праша за фирмите на премиерот Зоран Заев во Бугарија.
„ВМРО-ДПМНЕ партијата симбол на лажни вести, продолжува со креирање на измислени и непостоечки случаи. Јавноста се уште чека одговори од Христијан Мицкоски за фирмата на неговиот баџанак. Наместо да се крие Мицкоски да каже кој е неговиот личен интерес од фирмата на неговиот баџанак Јорданчо Јанев , „Дано Транс ЕООД“. Мицкоски да каже и за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Васил Пишев кои имаат фирми во Бугарија, отворени исто така во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, наведе СДСМ во реакцијата.
Владејачката партиаја смета дека со приближувањето на датумот за престојните претседателски избори, расте нервозата кај Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ. СДСМ додава дека во отсуство на идеја, програма и план, немајќи што да понуди на граѓаните, Мицкоски го тера неговото познато сценарио на креирање лажни вести.