Синдикатот на Клинички центар денеска преку соопштение реагира на вчерашната изјава на министерот за здравство, Венко Филипче со оценка дека не е јасно дали стратегијата за болниците во помалите општини во државата е регионализација или јавно – приватно партнерство.
-Доколку Министерството за здравство се залага за регионализација и затворање на болниците, Синдикатот на клинички центар е на мислење дека за тоа прашање треба да се консултираат граѓаните. Поради несогласување на жителите од општината, во минатото не се оствари планот на Министерството за здравство за затворање на болницата во Крива Паланка. Ако се планира болниците да се дадат во сопственост на приватни газди, како модел на јавно приватно партнерство за Синдикатот на клинички центар останува нејасно како тие ќе ги исполнат капацитетите на болниците и од каде ќе обезбедат здравствен персонал, посочуват од Синдикатот.
Тие прашуваат дали се планира здравствениот персонал да се пополни на сметка на Универзитетските клиники во состав на Клинички центар и истите да станат недоволно конкурентни на таквите “јавно” приватни болници.
-Сакаме да истакнеме дека целта на јавното здравство не е остварување добивка, туку обезбедување на социјалниот мир. Богатството и убавината на нашето јавно здравство е правото на избор на доктор за сите осигуреници, додека истото е привилегија на мал број граѓани во приватното здравство. Истовремено, јавното здравство целосно гледано, сеуште ја нуди најквалитетната стручна услуга во државата, наведуваат од овој Синдикат.
Синдикатот на клинички центар, се додава, смета дека јавно-приватното партнерство, како долгорочен договор со превземени обврски и јасно дефинирани газди е штетен за државата, вработените во јавните здравствени установи, а сигурно најмногу за пациентите и граѓаните.
Поради почетокот на изборната кампања, согласно определбата, од Синдикатот на клинички центар информираат дека ќе ја прекинат комуникацијата со јавноста и медиумите се до завршување на изборниот процес.