Поволниот макроекономски амбиент, солидните движења и перформансите на банкарските системи во земјите од регионот на Западен Балкан се основа за посилен кредитен раст и натамошно продлабочување на финансиската интермедијација, во функција на поддршка на растот, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, на традиционалниот форум на Виенската иницијатива 2, што заврши во четвртокот.
Во своето излагање на сесијата посветена на економските состојби во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), информираат од Народната банка, Ангеловска-Бежоска го стави акцентот на најновите движења и предизвиците за банкарскиот сектор на Западен Балкан. Меѓу другото, посочи и на позитивните движења во билансите на банките од регионот, постепеното забрзување на депозитниот и кредитниот раст, забележителните резултати поврзани со решавањето на нефункционалните кредити, како и на зајакнатата капитализираност и ликвидност на банките, што меѓу другото е одраз и на зајакнатата финансиска регулатива во посткризниот период.
Имајќи го предвид нивото на реална конвергенција на економиите, гувернерката ја истакна и потребата од создавање услови за поголема мобилизација на домашниот финансиски потенцијал, меѓу другото, и преку развојот на пазарите на капитал и на други облици на финансиско посредување, коишто се засноваат врз поголема примена на финтек, за што значајна улога може да одиграат меѓународните финансиски институции.
На оваа сесија на форумот учествуваа и високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Во дискусијата, меѓу другото се посочи дека и покрај поволните движења во регионот, и натаму постои потреба од будно следење на ризиците предизвикани од сѐ поголемите трговски тензии, постојаната геополитичка нестабилност, можноста за затегнување на глобалните финансиски услови, но и повисокото ниво на задолженост во некои од економиите.
Во рамки на форумот, гувернерката на Народната банка активно учествуваше во дискусијата и за други прашања важни за финансиската стабилност во овој дел на Европа. Учесниците заеднички констатираа дека колективната и координирана акција на домашните и локалните регулатори заедно со меѓународните финансиски институции, претставува основен предуслов за одржување и зајакнување на финансиската стабилност и за превенција од системски кризи во овој дел од Европа. Од форумот беше испратен повик кон сите релевантни институции, за обезбедување подлабока финансиска интеграција заради остварување нов, побалансиран модел на раст, со посебен акцент на финансирање на иновациите и на малите и средните претпријатија.
Претходно, Ангеловска-Бежоска учествуваше и на конференцијата организирана по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива, со излагање за улогата на странските банки и за развојот на секторот финтек во регионот. Притоа таа посочи на предностите од присуството на преку граничното банкарство за економиите, како што се олеснетиот пристап до странски извори на финансирање, којшто е особено важен во услови на недоволно домашно штедење, понудата на поширока палета кредитни и депозитни производи и поттикнувањето на штедењето, но и на придобивките во однос на корпоративното управување и управувањето со ризици. Меѓутоа, преку граничното банкарство по својата природа значи и можност за пренос на надворешни шокови во домашната економија, особено доколку банкарскиот систем во поголема мера се потпира на странски кредитни линии.
-Нашата земја е една од малкуте земји од ЦИЈЕ коишто не се соочија со проблемот на раздолжување на домашните банки и запирање на финансиската поддршка од страна на матичните банки. Тоа секако е резултат на прудентните политики на централната банка, но и на претпазливото однесување на деловните банки, потсети Ангеловска-Бежоска пред своите европски колеги.
Таа посочи и на потребата од продлабочување на соработката меѓу домашните и локалните супервизори, како основен предуслов за ефикасноста на супервизијата, имајќи ја предвид доминатноста на странскиот капитал во сопственичката структура на банките од регионот.
Гувернерката на Народната банка го искористи своето учество на двата важни настани на Виенската иницијатива 2 и за да оствари поголем број одделни средби со своите колеги од централните банки од Европа, како и со претставници на меѓународните финансиски институции и на Европската комисија.