Со поместување на стрелките на часовникот ноќеска започнува летното сметање на времето.Одлуката ја донесе Владата на 124-тата седница според која летното сметање на времето во 2019 година започнува на 31 март во 2 часот со поместување за еден час нанапред времето ќе се смета како 3 часот.
Летното сметање на времето во 2019 година завршува на 27 октомври во 3 часот, така што со поместување за еден час наназад времето ќе се смета како 2 часот.
Оваа Одлука е во согласност со член 5 од Директивата 2000/84/ЕС OJ: JOL2001031R002101 на Европскиот парламент и на Советот од 19.01.2001 година за договорите за планот за летното сметање и Информацијата на Европската Комисија во сообразност со член 4 од Директивата, објавена во Службениот весник на ЕУ.
Донесувањето на оваа одлука, како што се наведува во соопштението, придонесува кон следење на долгорочната економска политика на земјава за асоцирање кон Европската Унија, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори не само за транспорт и врски туку и други сектори од индустријата кои бараат стабилно и долгорочно планирање.
Парламентот на ЕУ пред неколку дена гласаше да се укине летното и зимското сметање на времето почнувајќи од 2021 година.Според предложениот амандман, владите што планираат трајно да останат во летно сметање на времето треба да ги наместат своите часовници во последната недела во март 2021 година, а оние што го претпочитаат зимското сметање на времето треба да го наместат часовникот на последната недела од октомври 2021 година.