– Шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини изјави денеска на самитот на Арапската лига во Тунис дека игнорирањето на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Голанската висорамнина „не е решение”, додека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече оти која било резолуција за конфликтот во Сирија мора да го гарантира територијалниот интегритет на таа држава, вклучувајќи ја и окупираната територија Голанска висорамина.
Могерини, исто така, рече дека и за Израел и за Палестина, решението две земји е „единствено остварливо и реалистично решение”.
-Имаме одговорност да спречиме решението две држави да биде уништено, истакна таа на самитот.
Во своето обраќање на самитот на Арапската лига во Тунис, Гутереш, покрај инсистирањето за територијалниот интегритет на Сирија, рече дека решението две држави за Израел и Палестина е „императив”.
И саудискиот крал Салман претходно изјави оти „апсолутно ја отфрла” која било мерка, кој го негира сирискиот суверенитет над Голанската висорамнина.
Обраќајќи им се на присутните на годишниот самит на Арапската лига (АЛ) во Тунис, тој го повтори ставот дека Саудиска Арабија поддржува формирање на палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа, со источен Ерусалим како главен град.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела потпиша декрет со кој го признава суверенитетот на Израел над Голанската висорамнина, која ја окупира во 1967 година, а потоа ја анектира.
На овогодинешниот самит на АЛ, претставници од повеќе од 20 земји беа едногласни во осудата на политиката на администрацијата на Трамп, која ја сметаат за неправедно пристрасна кон Израел.
Арапско-израелската војна од 1967 година, позната како Јунска војна, била водена шест дена меѓу Израел, од една страна, и Египет, Јордан и Сирија, од друга страна.
На крајот на таа војна, Израел под негова контрола го постави појасот Газа, полуостровот Синај, Западниот брег и Голанската висорамнина.