Авицена Женска трка го разубави Скопје

Авицена Женска трка успеа во мисијата да ги направи спортот и здравјето секојдневие за илјадници жени

Седмото издание на Авицена Женска трка успеа да ги изненади сите. Од бројот на учеснички до големата позитивна енергија која се прошири низ Скопје. Како предвесник на Виз Ер Скопски маратон, Авицена Женска трка го истакна значењето на трчањето. Околу 2.400 учеснички стапнаа на патеката со голема мотивација и желба да покажат дека спортот и здравјето треба да е секојдневие на што поголем број луѓе.

Жени од секоја професија и со различни карактери го исполнија бул. Илинден и стартуваа од фонтана Лотус. Трката беше долга 3 километри и имаше натпреварувачки карактер. Прва заврши Биљана Кираџиева, со 10:40 минути, додека втора беше Ирма Хајдари, со 10:54 минути, и трета Ања Еклер, со 11:21 минути. Воедно, медаљи им беа доделени и на сите кои завршија помеѓу првите три во 7-те возрасни категории. По наградите следуваше лотаријата преку која беа извлечени среќните добитнички на подароци од партнерите на Авицена Женска трка.

„Ова е ден на сплотеност и заедништво. Прекрасно се чувствуваме сите. Ни претставува исклучително задоволство што можевме да го постигнеме ова како организациски тим. Најголемата енергија доаѓа од учесничките. Се гледа дека со љубов трчаат и ја сакаат патеката. Затоа со голем труд даваме сѐ од себе оваа трка да биде што е можно подобра од година во година.“, порачува Гордана Николовска од Сојуз на спортови од Град Скопје. Таа додаде дека трката е посветена на Снежана Караџовска која исто така учествуваше на Женска трка да ја покаже нејзината желба за повторно да прооди.

„Оваа година повторно го срушивме рекордот на пријавени. Ова се должи на сите кои трчаа изминатите трки. Тие се доказ и поттик дека модерната жена треба да се фокусира на трчањето и спортувањето и тие се тие кои ги мотивираа сите да се пријават за денешната трка. Бројот е голем и се надеваме дека ќе продолжи да се зголемува низ годините. Ние ќе продолжиме со организацијата и нема да престанеме да изненадуваме.“, вели Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

 

Трката е во организација на тимот на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Град Скопје, а е под покровителство на Град Скопје и Агенција за млади и спорт на Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави