Во Турција денеска се одржуваат локални избори, што ќе бидат тест за претседателот Реџеп Тајип Ердоган односно за неговата популарност во атмосфера на економска рецесија.
Повеќе од 57 милиони луѓе ќе гласаат на околу 200.000 избирачки места во 922 окрузи. Граѓаните ќе избираат претставници во локалните собранија, како и десетина илјади селски администратори, кои ги нарекуваат „мухтари”.
Ердоган откако неговата Партија на правдата и развојот во 2002 година дојде на власт досега нема изгубено ниту едни избори. Неговата партија заедно со Националистичкото движење и Партијата на големото единство се обединети во коалицијата Народна алијанса.
Партијата на правдата и развојот има свој кандидати во 27 градови, националистите во три, а како коалиција во 21 град.
Главната опозиција е претставена од коалицијата Национална алијанса, која е составена од секуларната Републиканска народна партија и националистичката Добра партија.
Прокурдската Народна демократска партија, втора по големина опозициска група во Парламентот, ја предводи Курдската изборна алијанса, која има кандидати во југоисточниот дел на Турција.