Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ги изнесе пораките на неговата партија во врска со пожарите во земјава, тема која, како што кажа, ја преокупира Македонија изминативе недели и месеци.
Ѓорчев рече дека само во март како никогаш досега имало повеќе од 500 пожари низ цела Македонија и од Заев побара оставки и разрешувања.
Македонија гори, штетите се милионски и огромни, а никој не презема одговорност. Господине Заев, ова е доказ за вашата неспособност и неспособноста на вашите министри и градоначалници. Имаме ситуација каде што буквално нема држава и затоа оние коишто палат се чувствуваат осоколени, охрабрени и сметаат дека можат да палат без последици“, кажа Ѓорчев и додаде дека ниту еден закон во Македонија не се почитува.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека премиерот нема дадено ниту една изјава за пожарите и нема свикано ниту еден кризен штаб.
„Оди во кампања, се слика и дава изјава. Вози мотор во викенди, кафе во чаршијата во Охрид, а истовремено ја имаме најголемата криза последните сто години во месец март со пожарите и никому ништо. На министерот за земјоделие и шумарство, Николовски, му изгореа илјадници хектари, го нема никаде да се појави. Имаме стотици и стотици подметувачи на пожари, а полицијата на Оливер Спасовски не поднесува кривични пријави. Можеби ќе направат една, две, три или пет да ја забошатат работата, но ние зборуваме овде за 500 пожари“, истакна Ѓорчев.
Тој додаде дека 500 пожари во Македонија во месец март покажуваат само дека нема држава и дека секој пали што сака и како сака.
„На градоначалниците им изгореа општините, им изгореа цели планини, тие го игнорираа ова. Цела Македонија гори, ајде да направат кризен штаб, ајде малку да се ангажираат, ајде да не им завршува денот во 1 или 2, па да ги гледаме по улица Македонија по кафиња. Нека земат нека си ја сработат работата, жал и грев е да се гледаат илјадници изгорени животни по националните паркови, а уште не дошла жешката и летната сезона“, рече Ѓорчев и додаде дека пожарите претставуваат тотален дебакал на државните институции.