Израелската Влада планира да насели околу 250.000 Израелци во окупираната Голанска Висорамнина во следните 30 години, јави израелската телевизија ИБА.
Најавата уследи една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп го призна израелскиот суверенитет над Голанска Висорамнина.
Израелскиот план вклучува и изградба на две нови исклучително еврејски населби на Голан, кои ќе имаат илјадници нови станбени единици, како и туристички проекти.
На Голанска Висорамнина живеат околу 50.000 луѓе од кои 22.000 се израелски доселеници.
Израел ја освои Голанска Висорамнина од Сирија за време на шестдневната војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира областа. Во резолуцијата 497 на Советот на безбедност на Обединети нации, донесена по анексијата, Израел се означува како „окупаторска сила”, а обидите на Тел Авив „да ги наметне своите закони, јурисдикција и администрација на окупираната сириска Голанска Висорамнина е безначаен и без меѓународен правен ефект”.
Шестдневната војна позната и како Арапско-израелска војна се водеше помеѓу Израел од една страна и Египет, Јордан и Сирија од страна. На крајот од војната Израел под своја контрола ги стави Појасот Газа, Синајскиот Полуостров, Западен Брег и Голанска Висорамнина.
Силите на ОН го надгледуваат подрачјето долж линијата за прекин на огнот од 1974 година.