Народната банка (НБРСМ) ги објави статистичките податоци за тоа колку средства потрошиле Македонците со купување преку безготовински платежни трансакции на интернет во 2018 година.
Според овие податоци, во текот на минатата година, Македонците потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година. Согласно ова, од Народната банка констатираат дека граѓаните стекнуваат се поголема доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките.
„Во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, спрема 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година што претставува пораст од 21%. Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст“, стои во соопштението на НБРСМ.
Како што појаснуваат од Народната банка, податоците за онлајн транскции се формирани преку анализа на три категории, односно: домашни платежни картички кои реализрале трансакции кон домашни e-commerce трговци, странски платежни картички кон домашни трговци и домашни платежни картички кон странски e-commerce трговци.
Од таму истакнуваат и дека поголем дел од трансакциите се насочени кон странски онлајн продавници.
„Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство“, велат од банката образложувајќи дека тоа е пред се поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија.
Сепак, и имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите.
Така, бројот на трансакции реализирани во 2018 година, во корист на домашните онлајн трговци бележи пораст од 132% во однос на 2017 година.
„Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец“, велат од НБРСМ и додаваат дека од домашни и странски купувачи, македонските онлајн трговци во 2018 година оствариле приход од 53,5 милиони евра.
На крајот, во соопштението се истакнува дека согласно податоците за бројот на веб-страници за е-трговија, заклучно со 2018 година во државава активни се 871 продажно место.