Националната арена „Филип Втори“ ќе се преименува во „Тоше Проески“

Националната арена „Филип Втори“ ќе биде прекрстена и ќе го носи името на легендата на поп музиката Тоше Проески, неофицијално потврдиле од Владата за Плусинфо.

Како што пишуваат, од АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП), потврдија дека поднеле иницијатива до Владата за преименување на стадионот.

Оттаму додаваат дека за тоа како ќе биде преименувана Арената ќе се одлучува на Илинденска.

– АДСДП до Владата на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за потребата од донесување одлука за преименување на Националната Арена Филип II. Оваа иницијатива е во согласност со насоките на Владата да се изврши преглед и  ревидирање на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку истиот се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција да се направат соодветни корективни мерки и активности. АД кое ефективно стопанисува со Националната Арена Филип II Mакедонски смета дека овој објект потпаѓа под генеричките поими на „јавните згради и инфраструктура“ и во таа насока сметаме дека постои основа за преиспитување на потребата за промена на името на ваквиот објект – велат за Плусинфо од АДСДП.

Од таму објаснуваат дека самото име „Национална Арена Филип II Македонски“ е донесено со Одлука за преименување на Градскиот стадион на 27 јуни 2008 од Владата на Република Македонија, исто така, врз основа на иницијатива на тогашното Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ за потребата од донесување одлука за преименување на Градскиот стадион во Скопје.

-Посочуваме дека поднесуваме само иницијатива за потребата од донесување одлука за преименување. Доколку Владата ја прифати, таа одлучува кое ќе биде евентуалното новото име – велат од АДСДП.

Доколку Владата одлучи Арената да биде преименувана во Тоше Проески, ова ќе биде четврто прекрстување на Градски стадион.

 

Треба да знаете
Последни објави