Град Скопје информира дека жичарницата „Милениумски крст“ од денеска ќе работи еден час подолго од досега, односно ќе работи до 18 часот, согласно утврдениот возен ред.
Работното време ќе биде од 10 до 18 часот, при што последното возење од доле нагоре е во 17.30 часот, односно во 17.45 часот од горе надоле.
Жичарницата на Средно Водно работи секој ден освен во понеделник и секој последен вторник во месецот, кога се врши редовен технички преглед на објектот.
Оттаму велат дека Жичарницата, со која стопанисува ЈСП Скопје, со успех ја завршила 2018 година, дека е утврден зголемен број на продадени билети и приход во споредба со 2017 година.
Како што се наведува, вкупно биле продадени 166.791 билети, при што е остварен приход од 13.488.230 денари, додека во 2017 година се продале 160.699 билети, а бил остварен приход од 13.287.100 денари.
Во изминатава година најголем пораст е забележан кај продажбата на групните билети за возрасни, биле продадени 7.420 билети, што е за 1.168 билети повеќе во споредба со 2017 година. Забележан е пораст и на продажбата на билети за враќање и месечни билети.
Наведените параметри, велат од Градот, укажуваат дека посетеноста секојдневно расте, а се очекува таа да бележи пораст во периодот што претстои. Генерално, најбројни се посетите за време на викенди и празници.
ЈСП Скопје врз основа на податоците од системот со кој се следи јавниот превоз, заклучи дека голем придонес во случајов имаат и функционирањето на автобуските линии 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Автомакедонија-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно) кои сообраќаат до Средно Водно и кои за време на викенди и државни празници се бесплатни за сите категории на граѓани.
Од неодамна, поради зголемениот интерес на граѓаните за користење јавен превоз до Водно и Жичарницата, ЈСП Скопје го зголеми бројот на автобуси и термини на линијата 25.
Бесплатниот превоз во посочените денови функционира речиси една година и беше инициран од Град Скопје, по предлог на огромен број на граѓани, пред се од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулиурано движење до Средно Водно.
Неодамна Жичарницата во рамки на ЈСП Скопје потпиша договор за деловно-техничка соработка со тимот на Жичарницата од Сараево, Босна и Херцеговина. Соработката меѓу двете жичарници ќе значи размена на искуства помеѓу двата тима, а по потреба и техничка подршка.
Соработката, која се официјализираше пред десетина дена, всушност, беше начелно договорена при неодамнешната посета на градоначалникот Петре Шилегов на збратимениот град Сараево, каде годинава во употреба беше пуштена Жичарница.
Првото поаѓање на Жичарницата е во 10 часот, а последното возење од горе надолу е во 17.45 часот.
Билет за возрасни чини 100 денари за два правци, а 50 за во еден правец.
Билет за деца чини 50 денари.
Во вторник, петок, сабота и недела, бесплатен превоз имаат возрасните лица (жени со 62 години, мажи со 64 години).
Во среда бесплатно возење имаат учениците од средните училишта чијшто основач е Град Скопје и одлуката важи за време на учебната година.
Во четврток бесплатно возење имаат и редовните студенти на некој од државните факултети.