Опозицијата води во трката за Истанбул

Претседателот на турската Врховна изборна комисија (ЈСК) Сади Гувен изјави дека во трката за градоначалник на Истанбул, според прелиминарните резултати, во моментов води кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) Екрем Имамоглу со освоени 4.159.650 гласови, додека кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) Бинали Јилдирим освоил 4,131.761 гласови, јави агенцијата Анадолија.

Гувен во седиштето на ЈСК во Анкара информира дека е почнат процесот на поднесување и разгледување жалби за изборниот процес на избирачките места. Тој ја коментираше и неизвесната трка за градоначалник на Истанбул и рече дека поради жалби и приговори сé уште не се обработени гласачките ливчиња од 84 избирачки места.

– Досега на политичките партии им доставивме резултати од 80 отсто од избирачките места. Денеска очекуваме во поголема мера да ја завршиме работата за избирачките места за кои нема да бидат поднесени жалби. Тука мислам и на Истанбул, рече Гувен.

Гласачите во Турција вчера избраа градоначалници во поголемите градови, началници на општините, и градски и општински совети. Гласачите, исто така, избраа најниски инстанци на локалните власти во Турција, односно старешини или муфтии и совети на старешини.

Според првичните резултати, АКП води со освоени 44,42 проценти од гласовите. На второ место е најсилната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) со освоени 30,07 отсто од гласовите, додека на трето место Партијата ИЈИ со освоени 7,46 отсто од гласовите. Партијата на Националното движење (МХП) освои 7,25, а Народната демократска партија (ХДП) 4,22 отсто од гласовите.

Турција има вкупно 81 градови и провинции. АКП партија моментално води во 40, додека ЦХП е во водство во 20, а МХП во 11 провинции. ј

 

Треба да знаете
Последни објави