Општините покажуваат голем интерес за искористување на средствата од Програмата за рурален развој. На последниот повик се доставени вкупно 206 барања за вкупно 2,5 милијарди денари или околу 38 милиони евра.
Како што соопштија денеска вицепремиерот, Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски на заедничка прес-конференција во Владата, средствата се наменети за капитални инвестиции. Апликациите се соодветни, а проектите издржани. Предвидуваат инфраструктурни поврзувања на населени места, изградба и уредување на постојните пазари, изготвување урбанистички планови, воспоставување водоводни и канализациски системи,…
-Доскорешната политика беше во насока на развивање на урбаните средини за сметка на руралните што доведе до голем дисбаланс и иселување. Таквата пракса мора да се смени, истакна Анѓушев.
Според Николовски, проектите на единиците на локалните самоуправи ќе бидат финансиски поддржани оваа и во следните две години.
-Подготвена е документацијата и завршена е административната постапка. Со денешната одлука на Влада, и официјално почнува реализацијата на барањата, рече Николовски, додавајќи дека животот во руралните средини мора да се подобри.
Директорот Бабовски појасни дека на општините, согласно поднесените барања, ќе им се издаваат решенија со кои тие потоа ќе можат да почнат јавна набавка. Процесот не смее да трае повеќе од шест месеци.