Политичките лидери кои сакаат да градат ѕидови и други бариери за да ги одвратат мигрантите, „ќе завршат како затвореници на ѕидовите што ги изградиле”, порача папата Франциск.
Папата ова го изјави пред новинарите во авионот со кој се враќаше од посетата на Мароко, одговарајќи на прашање за миграцијата и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја затвори јужната граница со Мексико.
– Оние кои градат ѕидови, без разлика дали се од цигли или бодликава жица, ќе завршат како затвореници на ѕидовите што ги изградиле, рече папата Франциск.
Тој додаде дека сфаќа оти во врска со проблемот на миграцијата владите имаат „жежок компир” во рацете, но смета дека тоа мора да се реши на поинаков начин, хумано, а не со бодликата жица.
– Со страв нема да напредуваме, со ѕидови, ќе останеме затворени меѓу нив, истакна тој.