Ракометарите на Вардар утре (вторник) од 19 часот во салата „Викторија” во Брест го играат полуфиналниот натпревар во СЕХА лигата против домаќинот Мешков.
Вардар на турнирот допатува како актуелен шампион, додека за домаќините, триумф во регионалното натпреварување останува шанса за освојување на трофеј во сезоната, откако беа елиминирани во Лигата на шампионите.
Двете екипи сезонава играа и во групната фаза од ЛШ, откако вардарци победија дома со 30-23, а на гости ремизираа со 31-31, во истата сала во која ќе настапат утре.
Тренерот на „црвено-црните”, Роберто Парондо на средбата со медиумите изјави дека Брест се одлична екипа и нема да биде лесно да се оствари победа.
– Брест е многу добра екипа, особено се силни на домашен терен и играат со ист интензитет цел натпревар, па ќе ни биде многу тешко против нив, но сакаме место во финале. Ако ние играме како што треба, имаме шанси за победа, но и Брест посакува исто. Против Брест треба да играме одлично цели 60 минути, не може да славиме само со едно добро полувреме. И тие посакуваат победа, па ќе биде интересен натпревар, вели Парондо.
Вардар и Мешков сезонава двапати играа во регуларниот дел од сезоната и Белорусите триумфираа во двата натпревари. На првиот меч Вардар отпатува со младинскиот тим и загуби убедливо, а на вториот во Скопје „црвено-црните” веќе беа пласирани во Ф4 и не трошеа сили.
На Ф4 турнирите во СЕХА лигата досега Вардар има две победи, една во финалето во 2014 година во Нови Сад и во полуфиналето лани во Скопје. Единствениот пораз е во Веспрем во 2015 година, но во меч за трето место.
Во второто полуфинале се среќаваат ППД Загреб и Нексе.