Раперот Нипси Хасл убиен во престрелка во Лос Анџелес

Американскиот рапер Нипси Хасл беше смртно застрелан во престрелка пред неговата продавница за облека во Лос Анџелес. Во престрелката наводно се застрелани уште две лица.

 

Инцидентот се случил неколку минути откако раперот, чие вистинско име е Ермијас Ашгедом, на Twitter напиша „Благослов е да имаш јаки непријатели“.

Полицијата на Лос Анџелес потврди дека имало престрелка во областа меѓу авенија Слосон и булевар Креншо и дека „тројца застрелани се пренесени во локалната болница, од кои еден бил прогласен за мртов во болницата“.

Полицијата не ги соопшти имињата на вмешаните во инцидентот, но нагласи дека напаѓачот уште е во бегство и се трага по него.

Осомничено е 20-годишно момче, кое одблизу пукало во Хасл, а потоа побегнало со автомобил управуван од неидентификувано женско лице.

Нипси Хасл беше номиниран за Греми за најдобар рап албум во 2018 година за неговиот прв студиски албум „Victory Lap“. Има соработувано со големи имиња во рап индустријата како Дрејк, 50 Сент, Кендрик Ламар, Јанг Таг, Снуп Дог и други.

Откако се рашири веста за неговата смрт, соработници и фанови почнаа да објавуваат пораки со сочувство за раперот.

Треба да знаете
Последни објави