Силјановска: Со уставна промена ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ традиционално ја започнаа кампањата од Охрид каде се обратија претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на партијата Христијан Мицковски.
Силјановска пред охриѓани најави дека ќе биде претседател кој ќе го почитува Уставот и законите, а меѓународната политика ќе ја води преку економска, научна и културна дипломатија кои според неа се многу помоќни од традиционалната. Правото на вето, како што посочи, ќе го користи секогаш кога ќе треба да предупреди на Уставот и законите.
Според неа, државата во моментот се соочува со хибриден режим, авторитарен систем, со вредносен морален и политички регрес…За Преспанскиот договор рече дека е надвор од задолжителното меѓународно и национално право и ги повика граѓаните да гласаат за да се делегитимира власта и се она што сторила изминатите две години за да се отвори пат за предвремени парламентарни избори.
Говорејќи за новото име на државата, Силјановска-Давкова рече дека доколку биде избрана нема да може веднаш да го смени, но оцени дека ова име на земјата ниту има корен, ниту може да има иднина.
– Студентите ги учам дека Уставот е процес, не е состојба, значи ќе дојде одговорен претседател, од народот, за народот и со народот, ќе дојде одговорен Парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува кон најважните прашања, нов состав на Уставен суд кој ќе го брани Уставот, со знаење и со морал. Тогаш ние еден ден, со уставна промена важна ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост, посочи Сиљановска – Давкова.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, овие избори не се само претседателски и локални, туку избори на кои се одлучува за иднината на Македонија, а најголеми победи, како што рече, се оние кои се издвоени со мудрост и решеност. Ги повика граѓаните со гласање да ја победат власта.
– Има работи во животот за кои вреди да се бориш. Ова е тоа време, ова е борбата на нашата генерација, борбата по која ќе се паметат храбрите. Ова е борбата за иднината на Македонија. Ова не се само локални и претседателски избори. Ова се избори за кои се одлучува иднината на Македонија, иднината на вашите семејства. Ова е борба за правда, приципи и борба за вредности. Ова е шанса за исправање на сите неправди сторени кон татковината, рече Мицковски.
Обвини дека имало обиди да го спречат народот да дојде на митинг, но, како што рече, не успеале во тоа. Според него, на државата и треба претседател кој ќе ја води суверено, силно и посветено, а таков избор е Гордана Сиљановска-Давкова.
Пред охриѓани се обрати и кандидатот за градоначалник на Охрид, Митре Милошески, кој најави изградба на нов кеј, модерно шеталиште, реконструкција на плоштадите, нов плоштад кај Студенчишта, нова патека кон Свети Стефан, развој на туризмот…..