Министерот за култура Асаф Адеми оствари средба со светски познатиот тенор Раме Лахај, кој деновиве престојува во Скопје. На средбата Адеми и Лахај разговараа за претстојниот гала концерт насловен „Раме Лахај и пријателите“ со кој в четврток (4 април) во 19:30 часот во Националната опера и балет, Лахај за прв пат ќе се претстави пред македонската публиката, како и за можностите овој светски познат тенор да биде дел од реномираните фестивали во земјава.
На гала-концертот, кој е во рамките на седмото издание на фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“, Лахај ќе настапи заедно со други познати светски имиња, како: сопранот од Русија Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецосопранот Марика Поповиќ, додека со оркестарот на Националната опера и балет ќе диригира маестро Давид Кресцензи.
Концертот е во организација на Здружението „Алегрето“. На 5 април, пак, во 14:30 часот Лахај ќе одржи и мастер-клас за млади уметници.
Раме Лахај е еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација, добитник на наградата „Операција Пласидо Доминго“ во 2016 година. Настапува со светски познати оперски имиња на светските оперски сцени, и тоа: настапот во Париската национална опера со Пласидо Доминго, во Бољшој со Сохиев, во Финската национална опера во Хелсинки, во Данската кралска опера, како и меѓународните концертни турнеи со Ангела Георгиу во Јужна Кореја и со Симфонискиот оркестар од Халиско во Мексико.