Да беше кажано денеска на меѓународниот ден на шегата и на лагата, ќе го разберев Заев како уште еден обид за негово маскирање, бидејќи е љубител на маските, но ова што го кажува е дел од сериозен разговор со регионалната Стопанска Комора во Прилеп пред ден или два!-вели Наум Стоилковски,портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев кој заедно со неговиот клан отвораат бизниси во Бугарија, Зоран Заев кој што ја презадолжува државата без реален развој и со минорна стапка на реализација на капитални инвестиции, Зоран Заев кој што не мисли на половина милион граѓани во сиромаштија туку само на непотизам – е тој Зоран Заев почитувани ќе увезувал работна сила во Република Македонија!
Пред да посочиме зошто Заев лаже дека станува збор за работна сила, ќе посочиме параметри во кои случаи државите увезуваат работна сила, односно кои се тие параметри што треба да бидат исполнети!
Традиционално и логично е, земјите со ниска стапка на невработеност под 5% да имаат потреба за увоз на работна сила. Македонија е рекордер во невработеност, традиционално Македонија извезува работна сила бидејќи за истата нема работа во Македонија.
Македонија има висока стапка на невработеност, во проценти таа изнесува 20%. Голем дел од лицата кои се невработени во Македонија се ниско квалификувана работна сила, но во исто време и голем дел од младите лица од 18 до 24 години се невработени. Македонија е второ рангирана по процентот на невработеност кај младите лица според Светска Банка со високи 50% од невработеноста, и тоа е првиот параметар.
Друга дополнителна причина зошто Македонија не е дестинација во која странската работна сила би сакала дојде и да работи е висината на платите во Македонија. Односно, Македонија ја има една од најниските просечни плати во Европа. Со просечна месечна нето плата од 418 евра единствено Македонија може извезува работници кои бараат подобро платени работни места во земјите од западна Европа и другите прекуокеански земји. Е сега тоа што е потребно за да може да има било каква конкурентност во регионот е да има плата просечна во Република Македонија која би била барем дупло поголема од онаа во регионот!
Гледајќи ги погоре споменатите и презентирани параметри, заклучуваме дека Македонија не е атрактивна земја за привлекување на странска работна сила и сигурно не квалитетна и високо образована странска работна сила. Од секојдневието забележуваме дека квалитетната македонска работна сила се сели од Македонија и побарува можности за работа во други странски држави поради високите плати и поради подобриот стандард на живот. Значи, почитувани, не станува збор за работна сила, туку за населување на мигранти, и тоа мигранти кои не се пожелни, односно се терет на државите во Европа. Заев мора да одговори, дали се подготвува за увоз на мигранти? Зошто го крие фактот за мигрантите, односно зошто се задскрива зад увоз на работници? Оваа власт тајно се подготвува за прием и населување на мигранти, гради центри, ги крие центрите како оној во Бардовци, а сега вели ќе увезува работна сила, односно ќе увезува мигранти.
Економски, почитувани, Македонија не смее да дозволи да стане резерват на евтина и пренатрупана ниско квалификувана работна сила. Ваквото сценарио дополнително ќе ги намали платите и земјата лесно ќе ја бутне во социјален шок и во социјални немири поради неможноста редовно да се сервисираат социјалните и здравствените потреби на граѓаните.
На Македонија и е доста од лагите на Зоран Заев, доста и е девастирањето на државата, доста и е од понижувањето и непочитувањето на граѓаните! На Македонија и треба право и правна држава како предуслов за економски раст. И тоа ќе победи на претседателските избори.