„Фејсбук“ блокира повеќе од 1.000 профили, страници и групи во Пакистан и Индија. Социјалната мрежа соопшти дека вечерва биле блокирани страниците и групите што биле поврзани со пакистанската војска и со една индиска партија поради неавтентична содржина.
Вкупно 1.126 профили се укинати на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“, соопшти социјалната мрежа, која ја користат 2,3 милијарди луѓе од целиот свет.
„Фејсбук“ укина неколку стотини лажни профили во Пакистан, кои биле наменети за манипулирање на корисниците, се наведува во соопштението. Повеќето од тие страници ја величале пакистанската војска или се занимавале со Кашмир, област поради која Пакистан и Индија водеа две војни.
Социјалната мрежа укина 687 лажни профили во Индија поврзани со една опозициска партија, десетина дена пред парламентарните избори во таа земја. „Фејсбук“ се обиде да го подобри својот имиџ по многубројните полемики и критики последниве месеци.