Голем интерес за мерките за рурален развој – доставени 206 барања во вредност од 38 милиони евра

Владата на денешната седница ја усвои информацијата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во врска со вложувања во инфраструктурни проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Со оваа одлука се одобруваат околу 38 милиони евра за реализација на проекти за капитални инвестиции на општините преку мерките од Програмата за рурален развој, а за кои општините конкурираа минатата година.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, потеницра дека со реализација на мерките од Програмата за рурален развој, кои се наменети за општините, ќе се подобри квалитетот на животот во руралните средини.

„Она што се обидуваме со оваа програма да го направиме и се надевам дека успешно ќе го реализираме е да го подобриме квалитетот на животот во руралните средини. Затоа, Владата на РСМ во својата програма определи значителни средства, а сега конкретно зборуваме за 38 милиони евра, кои во следниот период ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за подобрување, пред сè, на патиштата во руралните средини, за партерно уредување во руралните средини, за изградба и реконструкција на пазари, за развој на одредени туристички точки, кои може да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи. Но, она што е најважно се инфраструктурите проекти, односно проектите во делот на патиштата и партерното уредување во селските, односно руралните области. Интересот беше огромен, затоа се одлучивме оваа програма да биде проширена и повеќегодишна за да ги задоволиме сите потреби и сите апликации што технички и административно беа издржани“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека со денешната одлука се заокружува постапката која ќе значи забрзана реализација на капитални инвестиции во руралните средини. На повикот, кој беше објавен минатата година од страна на општините, беа доставени 206 апликации.

„Тоа се проекти што се однесуваат на капитални инвестиции, инвестиции во изградба на домови, зелени пазари, локална патна инфраструктура, поврзување на селата и населните места. За сите проекти е подготвена комплетна документација и е завршена целата постапка во Платежната агенција. Со денешната одлука на Владата на РСМ се отвора патот за склучување на овие над 200 договори со општините и почеток на нивната реализација. Програмата за рурален развој за секторот земјоделство е особено значајна оти преку неа се финансираат полските патишта, се обновува локалната патна инфраструтура, а со тоа се подобрува животот во руралните средени. Проектите за инвестиции се претежно во селата за да се обезбедат подобри услови за живеење и да се задржат луѓето во руралните средини“, изјави министерот Николовски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, изјави дека преку мерките од Програмата за рурален развој некои од општините бараат и поддршка за изработка на детаљни урбанистички планови, кои се многу важни за следниот период за сите општини во државата бидејќи со акредитацијата на ИПАРД-програмата во мерката „Рурална јавна инфраструктура“ од големо значење е општините, пред да ја поднесат апликацијата, да ги имаат овие урбанистички планови. Притоа, Бабовски додаде дека во следниот период ќе почне склучувањето на договорите за мерките од Програмата за рурален развој наменети за сите општини што ги исполниле условите.

„Во следниот период Агенцијата ќе издава решенија со кои општините ќе може да почнат со објава на јавна набавка. Тој период не треба да биде подолг од шест месеци и со оваа јавна набавка и нејзиното комплетирање со целокупната документација треба да дојдат во Агенцијата и да ги потпишеме договорите за финансиската поддршка и на тој начин почнуваат со инвестицијата“, изјави Бабовски.

Се работи за 4 мерки, односно: „Подобрување на квалитетот на животпот во руралните средини,“ „Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“ и подмерката „Инвестиции во пазарната инфраструктура за постбербени активности“. Сите овие мерки се наменети за разни капитални инвестиции во руралната инфраструктура и инвестиции во јавната социјална инфраструктура. Вредноста на финансиската поддршка изнесува 50 отсто од прифатливите трошоци, но не повеќе од 7 милиони денари за одделен корисник.

Треба да знаете
Последни објави