Институционално сме подготвени за справување со сите нелегални активности на границите во 21 век, порача денеска премиерот Зоран Заев на отворањето на регионалната конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување”, што се одржува во Скопје.
На дводневната конференција учествуваат претставници на граничните и царинските управи од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија , Грција, Косово, Романија и Турција кои ќе ги споделат најдобрите меѓународни практики за спречување на организираниот криминал и корупција.
Заев ја поздрави определбата да се работи заедно за да се осигура заедничко гранично управување, оценувајќи дека е направен сериозен напредок, но оти може да се постигне уште повеќе.
За нелегалните глобални прекугранични активности, укажа, се неопходни соодветни одговори. Во глобалниот свет, ако слободниот проток на луѓе и производи мора да биде максимално ефикасен, двојно повеќе треба да бидат поефикасни мерките за борба против организираниот криминал, вклучувајќи ја корупцијата и илегална миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе. Како порта на Европската Унија, Западен Балкан е клучната точка на овие нелегални активности. Затоа наша институционална и морална должност е да ги запреме сите криминални прекугранични активности. Ефикасен одговор на овие прашања дава интегрираното гранично управување на национално ниво, рече Заев, пренесува владината служба за информирање.
Тој истакна дека соработката меѓу координативните центри за гранично управување во меѓународни рамки гледано од денешна перспектива, е од суштинско значење за превенирање, откривање и докажување на кривични дела кои се случуваат на граничните премини, како и во борбата со организираниот криминал и тероризам.
-Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија останува со силна заложба во борба против организираниот криминал и корупцијата, и ја поддржува оваа конференција.Подготвени сме да ја дадеме целата неопходна логистика и институционална поткрепа како наш придонес за справување со сите зла на границите во 21 век, нагласи премиерот.
Според амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, конференцијата е од големо значење за размена на искуствата и на најдобрите практики за интегрирано гранично работење и одржување на безбедноста на границите како и подобрување на граничните услуги.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, пак, порача дека одделните гранични служби се генерално поефикасни кога соработуваат и дејствуваат заеднички. За постигнување на целта отворени и безбедни граници, за Царинската управа значи потреба од постојани промени и прифаќање на нови начини на работа, кои ја надминуваат основната работа на институцијата како институција за наплата на давачки, наведе Танасоски.
Организатори на конференцијата се ОБСЕ и Националниот координативен центар за гранично управување на Република Северна Македонија.