Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е уверен дека САД се силно посветени на Северноатлантската алијанса и покрај критиките упатени до претседателот Доналд Трамп.
За Столтенберг нема сомнеж дека НАТО има целосна поддршка од Трамп и покрај неговите контроверзни изјави и гласини дека тој би можел да ги повлече САД од Алијансата. Неодамна двајца поранешни американски амбасадори во НАТО оценија дека администрацијата на Трамп е „најголемата закана” за Алијансата. Генералниот секретар, меѓутоа, ги отфрла таквите обвинувања.
– НАТО се состои од 29 демократии, тие имаат различни гледишта, различни мислења, отворено општество значи различни дискусии за заканите и предизвици, секогаш ќе најдете експерти кои имаат различни процеси за тоа каде сме, но сигурен сум дека тоа што го гледаме сега е силна американска посветеност кон НАТО, истакна Столтенберг.
Тој денеска ќе отпатува за Вашингтон каде на трети и четврти април ќе се одржи состанокот на министрите за надворешни работи на 29-те земји членки на Алијансата плус Република Северна Македонија, и каде ќе се одбележат седумдесет години од постоењето на НАТО. Предвидено е Столтенберг да оствари средба со претседателот Трамп и да се обрати пред американскиот Конгрес.
Столтенберг посочи дека неговата увереност во посветеноста на НАТО е поттикната од изјавите на самиот Трамп кој во повеќе наврати изјави дека поддршката на САД останува голема, но и поради тоа што Алијансата ужива меѓупартиска поддршка кај Американците
– Гледаме дека се зголемува присуството на американските трупи во Европа, јас не гледам поголема посветеност кон европската безбедност од испраќањето повеќе трупи, наведе генералниот секретар.
Тој оцени дека е „невозможно” да се каже дека САД не се посветени на НАТО, со оглед на воените и финансиските инвестиции кои ги прават.
Трамп повеќепати ги критикуваше земјите членки на Алијансата поради ниската стапка која тие ја издвојуваат во нивните буџети за одбраната. До 2025 година САД очекуваат сите земји членки да издвојуваат два проценти од бруто домашниот производ за НАТО.