Британската кралица е подготвена да се откаже од возењето во јавни сообраќајници откако пред два месеца нејзиниот сопруг, принцот Филип, учествуваше во автомобилска несреќа. Кралицата е единствената личност во Велика Британија на која ѝ е дозволено да вози без дозвола.
Се претпоставува дека кралицата одлучила да престане да вози по јавните сообраќајници по даден совет од членови на нејзиниот тим за безбедност, по судирот предизвикан од војводата од Единбург.
Кралицата наскоро ќе полни 93 години, а познато е дека ужива во возењето на бројни скапи автомобили од кралскиот возен парк.
Но, изгледа дека не се сите баш одушевени од возењето на кралицата, за што сведочи анегдотата што во мемоарите ја пренесе поранешниот британски амбасадор во Саудиска Арабија, Шепард Каупер Колс.
„По ручекот кралицата својот гостин, лидерот на Саудиска Арабија, го повика во обиколка на имотот. На негово големо изненадување, зад воланот седна самата кралица, го вклучи моторот и ги однесе во обиколка. Кралот Абдул не беше навикнат да го вози жена, а камоли кралица. Со помош на преведувач наводно ја преколнувал кралицата да вози побавно и да се фокусира на патот пред себе“, напиша амбасадорот.