Група полуголи демонстранти, кои се собраа во британскиот парламент, ја попречија дебатата за брегзит откако се потпреа на стаклената галерија над пратениците.
Демонстрантите се појавија за време на седницата на која пратениците ги отфрлија сите четири алтернативни опции за брегзит, кој падна во ќорсокак откако планот на Тереза Меј не успеа, објави „Ројтерс“.
На грбот на демонстрантите пишуваше „климатска правда веднаш”, протестирајќи против климатските промени.
Агенцијата наведува дека инцидентот траеше околу 25 минути, а некои демонстранти со лепило ги залепија своите раце за стаклената галерија, па полицијата мораше да интервенира.
Полицијата соопшти дека 12 лица се уапсени поради непримерно однесување на јавно место.
„Ројтерс“ вели дека некои пратеници се смееле и дека многумина не можеле да престанат да гледаат што се случува.
Демонстрантите се членови на групата „Побуна против истребувањето“. Од оваа група беше соопштено дека сакаат да го привлечат вниманието на политичарите кон климатската и еколошката криза.