Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”-Битола, во соработка со НУ Народен театар-Битола и ЈОУ Детска градинка „Естреја Овадија-Мара” го одбележа Светскиот ден на литература за деца.
Според востановената традиција, во просториите на Библиотеката, во посебното одделение за детска литература, за децата беше прочитана детска приказна, а оваа година тоа го направи актерот Никола Пројчевски.
Од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”-Битола потсетија дека Светскиот ден на литература за деца Втори април, се слави во чест на роденденот на најголемиот писател за деца на сите времиња Ханс Кристијан Андерсен, роден на 2 Април 1805 година.
– На Светскиот ден на литературата за деца, се слави и се промовира книгата за деца и читањето. Од 1967 година, на овој ден, се потсетуваме на големата потреба да се сврти вниманието на јавноста за значењето на книгата за деца и да ги мотивираме децата да читаат од најмала возраст, рекоа организаторите на денешниот културен настан во Битола.