Рaфаел Надал може да игра тенис на високо ниво уште само две или три години, вели неговиот вујко и поранешен тренер – Тони Надал. Главната причина за ова се повредите кои Шпанецот ги претрпе во последните сезони.
Неговата последна повреда на коленото го принуди воопшто да не излезе за полуфиналниот дуел против Роџер Федерер во Индијан Велс, а исто така го откажа и од следниот „Мастерс” турнир – во Мајами, кој заврши минатиот викенд.
Надал уште еднаш го оперираше своето колено оваа зима, но се надева дека ќе се врати на време за сезоната на земја, а особено за „Ролан Гарос”.
– Знам многу добро што се случува – Рафаел сака да продолжи да игра и покрај физичките проблеми. Тоа е клучното во случајот – дека сака да игра, но до кога којзнае. Можеби уште две или три години. Она што го велам е, дека Рафа не е тенисер, туку еден повреден човек кој игра тенис. Затоа е толку тешко, изјави Тони пред шпанскиот весник „Ел Паис”.
Тој исто така објасни дека не е изненаден од доминацијата на Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, кои веќе надминаа 30 години. Според него, главната причина е што овие играчи продолжуваат да даваат максимум во секој меч и секој тренинг – нешто што им недостига на младите.
– Младите тенисери се добри, но генерално им недостасува посветеност. Сум видел неколку млади кои играат добро, но не се борат доволно. Од друга страна гледаме како играат Роџер, Рафа и Новак. Тие секогаш го даваат максимумот. Кога со Рафаел се појавивме на турнејата, доминираа играчи меѓу 21 и 23 години, а сега најдобрите се на 31, 32, 37 години, заврши Надал.