Поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Благоја Милевски денеска во „Куќата на фудбалот“ официјално се врати на поранешната позиција.
Милевски по нешто помалку од една година повторно ќе ја предводи нашата млада селекција до 21 година.
Под негово водство македонската репрезентација го оствари историскиот успех со пласманот на Европското првенство во Полска 2017 година.
Тој соопшти дека целта е пласман на Европско првенство.
„Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме сѐ ако ни се укаже шанса. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18 во составот“, додаде Милевски.