Во Владата во тек се разговорите на премиерот Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Ципрас претходно беше пречекан пред Владата од Заев и владините министри. Поради доцнењето на авионот со кој пристигнаа Ципрас и десеттината министри кои го придружуваат, церемонија на пречек беше скратена.
Дајцата премиери при пристигнувањето на Ципрас во Влада се поздравија со новинарите и направија неколку селфи фотографии по што се упатија во владината зграда.
Официјалната посета на Ципрас на Северна Македонија, прва на некој грчки премиер, ја следат 100 акредитирани новинари, од кои околу 40 од Грција.
Посетата која од медиумите и аналитичарите во двете се оценува како историска, ќе биде пренесувана во живо од националните телевизии на Грција и на Северна Македонија, вклучувајќи го пристигнувањето на аеродром, свечениот пречек пред Владата, меѓувладината седница, заедничката прес-конференција на премиерите и бизнис форумот.
По тет-а-тет разговорите Заев – Ципрас и меѓувладиниот состанок, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција.
Грчкиот премиер ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Попладне ќе се одржи Бизнис форум, на кој ќе се обратат двајцата премиери.
Во делегацијата што ќе го придружува Ципрас за време на посетата на Скопје, покрај министри во Владата, се и претставници на повеќе од сто големи и средни грчки компании кои се заинтересирани за инвестирање во земјава.