Три лица загинаа вчера при падот на мал авион во близина на Франкфурт, а две лица загинаа во судирот на возило со полициски автомобил кој се движел кон местото на падот на авионот, според германската полиција.
Според порталот sandzaklive.rs, во автомобилот кој се судрил со полициско возило, загинаа две лица од Санџак, еден човек од Пријепоље и неговата свршеница од Бродарево.
Германските медиуми објавија дека три лица беа сериозно повредени во несреќата.
Полицијата соопшти дека се претпоставува дека имало двајца патници и пилот во авионот со шест седишта и рекоа дека сé уште работат на идентификување на жртвите.
Медиумите, пак, објавија дека руската компанија „С7 ерлајнс“ ја идентификувала Наталија Филева како една од жртвите, која беше и косопственик на компанијата, а руските медиуми објавија дека другиот загинат е нејзиниот татко.
Филева (55) е четврта најбогата жена во Русија на листата на Форбс за 2018 година, а нејзиното богатство се проценува на 660 милиони долари.
Компанијата соопшти дека причината за несреќата сѐ уште не е позната.