Обвинителката Милана Дигајева денеска на почетокот на судењето на норвешкиот државјанин Фроде Берг изјави за руските новинари дека тој собирал информации за руските нуклеарни подморници кои потоа ги пренесувал на норвешката разузнавачка служба.
Берг беше уапсен во Москва во декември 2017 година, но неговиот адвокат рекол дека на пензионираниот норвешки граничен службеник случајот му е подметнат, пренесе агенцијата АП.
Обвинителката нагласи дека Берг, кој, наводно, бил на платниот список на норвешката разузнавачка служба, бил фатен на дело со документи добиени од вработен во воен објект, што долго време бил следен од руската разузнавачка служба.
Судот ја исклучи јавноста на почетокот на судењето за да ја сочува тајноста на одредени воени податоци, објави агенцијата.
Руските власти кон крајот на 2017 година во Москва го уапсија 62-годишниот Норвежанец Фроде Берг, поранешен припадник на гранична полиција и го обвинија дека е шпион односно дека од 2015 година испраќал пликови со пари до непознат примач, а во замена за тоа норвешката разузнавачка служба добивала информации во врска со руските нуклеарни подморници на далечниот север.
Тогаш беше објавено дека во текот на апсењето, кај Берг бил пронајден плик со 3.000 евра.