Додека болниците и здравствениот систем се во колапс, особено во внатрешноста на државата, владата на СДСМ и ДУИ одвојува милионски суми на државни пари за нови министерства и непродуктивни трошења. Со децении, бизнис-партиите нашите пари ги трошат за отварање на работни места за партиските послушници и за нивните енормни привилегии, додека јавните услуги намерно се запоставуваат и постепено се уништуваат.
Измината недела, министерот Венко Филипче излезе со скандалозна изјава за физибилити студија, со цел утврдување на ефикасноста на јавното здравство и потенцијална замена на сегашниот систем со јавно-приватно партнерство. Недозволиво е да се компромитира и негира универзалното право за пристап до квалитетна здравствена услуга, со изговор дека е неефикасно и непродуктивно неговото одржување. Правото на здравствена заштита и правото на живот не може да биде трошок за општеството или да се оценува според бизнис-логиката за профит и ефикасност!
Целосно се сложуваме со загриженоста на синдикатот дека секој модел на приватизација ќе резултира со отпуштања, затоа што основна цел на приватниот капитал е остварување максимален профит, а не обезбедување квалитетни и достапни јавни услуги за сите. Му порачуваме на министерот да не го троши времето и парите на граѓаните на непотребни студии. Граѓаните многу добро ги паметат ефектите од приватизацијата и јавно-приватните партнерства, кои имаа разорни ефекти врз целата економија.
СДСМ од опозиција силно ги критикуваше здравствените политики на претходната власт и во својата изборна програма „План за живот“ најавија воведување на бесплатно болничко лекување за сите граѓани, при што јавното здравство ќе обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги, без притоа граѓаните да плаќаат медицински интервенции во приватни болници. Доколку СДСМ не се способни да имплементираат радикални политики кои нужно се потребни за спас на руинираното здравство, нека понесат одговорност и нека дадат оставка, а не здравјето и животот на сиромашните граѓани да го препуштаат за профитирање на крупниот капитал.
Левица се залага за плански развој на кадровското образование со загарантирано работно место, сериозни инвестиции во здравствената инфраструктура, подобрување на статусот на здравствените работници и обезбедување на бесплатни здравствени улуги за сите. Силно ќе се спротиставиме на профитерските политики на власта и нема да дозволиме уште една приватизација на штета на животот на обичните граѓани!