На денешното рочиште за случајот „Тортура“ сведочea затворскиот психијатар Мирко Треневски, кој зборуваше за психичката состојба на Љубе Бошкоски, по неговото апсење во 2011 година за случајот „Кампања“, како и затворскиот општ лекар Николче Пиловски.
Психијатарот образложи дека Бошкоски по апсењето се чувствувал депресивно, вознемирено, а чувствувал и срам. По затворскиот психијатар и затворскиот општ лекар сведочеше во врска со здравствената состојба на Бошкоски кога бил притворен.
-Психички беше растревожен, анксиозен. Пробав да го смирам со разговор бидејќи беше многу вознемирен. Затоа веднаш го известив затворскиот психијатар и му посочив дека е депресивен, рече докторот.
На прашањето дали тоа е вообичаената здравствена состојба на луѓето кои се во притвор, докторот посочи се случува луѓето да се вознемирени, но кај Бошкоски било со поголем интензитет од вообичаеното.
Тој посочи дека поради тахикардија Бошкоски бил упатен на дополнителни прегледи на Кардиологија, а додаде дека интервенирала и Брза Помош.
Обвинетиот Сашо Мијалков го праша докторот дали чуството на срам кај Бошкоски било поради тоа што бил фатен со поткуп, односно со 100.000 евра.
-И мене да ме фатат со 100.000 евра би се срамел и јас, искоментира Мијалков, појаснувајќи го прашањето.
Психијатарот истакна дека Бошкоски чуствувал срам од целокупниот настан, односно и од самото апсење и приведување.
На прашање на обвинителот Љубомир Лапе дали срамот кај Бошкоски бил предизвикан од фактот што бил снимен и фотографиран како лежи на асфалт, докторот одговори позитивно.
Во овој случај Мијалков и уште неколку полициски службеници се гонат за нечовечко апсење на Бошкоски во 2011 година.