Мик Шумахер запиша одлично деби во Формула 1. Синот на седумкратниот светски шампион, Михаел Шумахер седна во болид на Ферари и беше побрз од Луис Хамилтон.
Дваесет годишниот Германец водеше до последните минути во првиот ден од сезонските тестови на патеката „Сахир” во Бахреин, но Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул даде подобро време од него.
Необичен факт е дека татковците на двајцата – Михаел и Јос, беа тимски колеги во Бенетон во Формула 1 во 1994 година.
Како што е познато, оваа година Мик Шумахер дебитираше во Формула 2, откако минатата сезона го освои шампионатот во Формула 3, а денес забележа обиколка за 1:29.976 минути. Пет минути пред крајот, Верстапен успеа да го подобри постигнувањето на Мик и се најде на чело на табелата, а трети остана Ландо Норис од Мекларен.
Топ 5 ги комплетираа Ромен Грожан од Хас и Александар Албан од Торо Росо.
Победникот од Гран при на Бахреин пред неколку дена, Луис Хамилтон со Мерцедес остана само шести, а зад петкратниот светски шампион се нареди Даниел Рикардо со Рено.