Во извештаите за патувањето на Алексис Ципрас во Северна Македонија грчките медиуми акцентот го ставаат на големата делегација со која тој пристигна во Скопје, големиот број министри и бизнисмени кои го придружуваат, на пораките што ги испрати преку интервјуто за МИА, но и на историското значење на посетата, прва на еден претседател на грчка Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Интервјуто на грчкиот премиер Алексис Ципрас за МИА, вчера беше една од главните теми во Грција задно со денешната посета на Северна Македонија.
Електронските изданија на медиумите, пренесувајќи го ексклузивното интервју на Ципрас, акцентот го ставија на политичката цена, на прашањето на МИА за вратоврската од Заев, но и на договорите што се планира да се потпишат во Скопје.
„Ципрас за МИА: Договорот од Преспа имаше политичка цена”; „Премиерот во Скопје- целта е зајакнување на билатералните односи”; „Ципрас: Договорот од Преспа, донесе политичка цена”; „Ципрас: Што направив со вратоврската што ми ја даде Заев”; „Ципрас со пола влада во Скопје”; „Со четири договори Ципрас денес во Скопје”; Ципрас до Северна Македонија: Историска посета за градење заемна доверба и соработка”; „Ципрас во Скопје со 120 бизнисмени и пола влада”, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
-Премиерот Алексис Ципрас за историска ја карактеризира неговата посета на Северна Македонија, прва официјална на грчки премиер на Скопје, во неговото интервју за новинската агенција МИА од соседната земја, а обраќајќи се до народот на соседната земја праќа порака за градење на заемна доверба, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, на почетокот на текстот, под наслов „Алексис Ципрас: Посета од историско значење, базирана на нова стратешка визија за нашите земји”, текст преземен од голем број на други медиуми во Грција.
Посетата на Ципрас, заедно со пораките што ги испрати говорејќи за МИА, се најдоа на дел од насловните страници на денешните изданија на грчките весници.
„100 бизнисмени „го купуваат” Скопје” е централниот наслов на весникот „Етнос” за посетата на Ципрас на Северна Македонија, со акцентот ставен на 10-те министри и 120-те бизнисмени кои патуваат со грчкиот премиер, како и на спогодбите што ќе се потпишат.
Весникот „Катимерини” објави дека освен претставници на грчките комори, во Скопје со Ципрас пристигнуваат и директори на големи грчки компании од различни области.
Голем дел од медиумите во Грција, пред сѐ грчките телевизии, во Скопје испратија новинари кои одблиску ќе ги следат посетата на Ципрас на Северна Македонија. Со јавувања во живо, како за синоќешните централни изданија на вестите, така и во утринските информативни емисии известуваат за агендата на средби и активности на Ципрас во Скопје, но и објаснуваат зошто станува збор за историска средба.
Во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, иако главната и централна тема беа изборите во Турција, сепак преку јавувања во живо од Скопје беа пренесени пораките на Ципрас, агендата на средби и темите за кои ќе разговара.
Грчката државна телевизија ЕРТ во живо го пренесе пристигнувањето на Ципрас на скопскиот аеродром, како и пречекот пред влада, а предвидено е да ги пренесува и другите активности на грчкиот премиер за време на првата официјална посета на Северна Македонија.
Според грчките медиуми, заедно со Ципрас, министрите и бизнисмените, во Скопје пристигнува и неговата партнерка Бети Базана, која ќе има посебна програма со сопругата на премиерот Заев, Зорица Заева.