Поради лошите временски услови вечерва е прекината потрагата по малиот авион од типот Цесна П210Н, кој попладнево се урна кај Солунска Глава при што загинаа четири лица бугарски државјани.
Остатоците од авионот се лоцирани на непристапен терен на голема височина, информираат од КИНСИВ – Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Оттаму додаваат дека потрагата ќе ја продолжат утре.
-Малиот авион од типот Цесна П210Н кој попладнево беше изгубен од радарскиот систем се урнал кај Солунска Глава, каде и исчезнал од системот. Остатоците од авионот се лоцирани, како и телата на четирите патници – бугарски државјани, информираат за МИА од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Остатоците од авионот ги лоцирале хеликоптери и спасувачки екипи од МВР. Авионот сообраќал на релација Охрид – Софија.
Претходно, директорот и претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески во изјава за МИА информираше дека воздухопловот попладнево во 16:16 часот е изгубен од радарскиот систем на контролата за летање. Контактот бил изгубен западно од Солунска Глава. Два полициски хеликоптери беа во потрага на изгубената Цесна.
-Во 16:16 часот изгубен е контакт со мал воздухоплов тип Цесна П210Н кој летал од Охрид за Софија. Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија, рече Тасески.
Тој додаде дека пред да го снема воздухопловот од радар пилотот пријавил дека има силни турбуленции.
Со пронаоѓањето на остатоците од авионот, како што информираат од АЦВ, завршува акцијата за трагање и спасување. Сите активности ги презема КИНСИВ – Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Од АЦВ се должни за несреќата да ги информираат државите на производство на авионот, на регистар, како и сопственикот на воздухопловот.