Националната установа Центар за култура Крива Паланка денес доби нова опрема за осветлување за потребите на музичко-сценската и театарската дејност на установата.
Опремата ја набави општина Крива Паланка, со цел подобрување на условите за работа на центарот каде се одржуваат бројни настани во организација на општината, дел од нив интернационални фестивали и манифестации.
Финасиските средства за новата опрема за осветлување се обезбедени од билетите на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски”, кој го организира општината во септември минатата година.
Од организацискиот одбор на фестивалот посочија дека имајќи ја предвид тешката финансиска ситуација на НУЦК но и застарената и неисправна техничка опрема со која Домот на култура располага, а претставуваше проблем за време на одржување на фестивалот, но и за тековното функционирање на повеќето уметнички секции на Центарот за култура, општина Крива Паланка заедно со организациониот одбор на фестивалот донесе одлука оваа година собраните средства да бидат искористени за купување на дел од опремата потребна за реализација на фестивалот.
-На минатогодишното издание собрани се 61.000 денари, со кои е извршена набавка на: миксета и ЛЕД рефлектори со сите неопходни приклучоци и сталки, со што значително се подобрени состојбата и условите за непречено одвивање на активностите на Центарот, информираат од организацискиот одбор на Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски”.