За време на состанокот на владиниот Комитет за безбедност во вторникот, индискиот советник за национална безбедност Аџит Дувал му посочил на премиерот Нарендра Моди дека трите гранки на одбранбените сили на земјата – армијата, воздухопловните сили и морнарицата – се подготвени за уште една акција против Пакистан, пренесува „Спутник“.
Моди, наводно, побарал од армијата да се погрижи да нема ниту една цивилна жртва во соседната земја и дека целите се воени.
Ниту индиското Министерство за одбрана, ниту владата на Моди ги потврдија извештаите.
Новиот развој на настаните следи само еден ден откако локални медиуми го цитираа генералниот директор на пакистанската Служба за односи со јавноста, кој рече дека Исламабад има право да користи какви било средства за самоодбрана – тврдење што следеше неколку недели по негирање дека Пакистан користел американски ловци Ф-16 вовоздужната престрелка со Индија на 27 февруари.
„Беспредметно е да се дебатира дали Ф-16 или Ф-17 ги собори двата индиски авиони. Дури и ако биле користени Ф-16, факт е дека воздухопловните сили на Пакистан соборија два индиски авиони во самоодбрана, Индија може да користи кој било тип на авиони по сопствен избор, дури и Ф-16. Пакистан го задржува правото да користи се што има на располагање за самоодбрана”, соопшти официјалното лице.
Вооружените сили на двете земји излегоа со спротивни тврдења во врска со борбата на 27 февруари околу Линијата за контрола во спорната област Кашмир.
Исламабад тврдеше дека соборил два индиски авиони, но Њу Делхи призна дека изгубило само еден авион и излезе со тврдење дека собориле еден пакистански Ф-16.
Пакистан категорично негираше дека ловците Ф-16-те произведени во САД биле распоредени или изгубени, а Индија тврдеше дека Исламабад го прекршил договорот за продажба на борбените авиони со САД.