Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови не поведе постапка по иницијативата поднесена на членовите 4 став 2 и 27 став 2 од Законот за административни службеници и членовите 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија, која е поднесена од поранешниот гувернер Димитар Богов.
Со иницијативата се бара вработените во Народната банка да не бидат третирани според Законот за административни службеници, бидејќи според иницијаторот, тој закон не е применлив затоа што централната банка ја сведува зависна од извршната власт.
Намерата, како што е наведено во иницијативата, е вработените во Народна банка да не бидат под капата на Закон за административни службеници, туку да се третираат по Законот за работни односи.
Според иницијаторот, оспорените одредби не обезбедуваат правна сигурност и целосна заштита на самостојноста на Народната банка како принципот на владеењето на правото.
На овој начин, како што е посочено во иницијативата, е ограничена самостојноста на работењето на Народната банка, бидеќи му се одзема правото на гувернерот да води кадровска политика. Исто така со оспорените законски одредби е направено нарушување на административната, финансиската и управувачката самостојност на Народната банка, со тоа што на Советот на НБ му се одзема правото да ја утврдува организацијата на НБ, условите за вработување, вклучувајќи ги платите и надоместоците на предлог на гувернерот.
Оспорените одредби, според иницијаторот, не се во согласност и со европската регулатива со која се гарантира независноста на централната банка. Имено, направена е повреда и нарушување на принципот на независност на Европската централна банка и на Централните банки во европскиот систем на централни банки, чија основа е утврдена со договорот на функционирање на ЕУ и статутот на Европската централна банка.
Уставниот суд оцени дека оспорените одредби од законите не се во спротивност со Уставот и не ја загрозуваат самостојноста на Народната банка