АД ЕЛЕМ испраќа остра реакција на соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ во кое, како што велат, се упатуваат неосновани и неиздржани критики за работењето на компанија. Од ЕЛЕМ оценуваат дека таквите коментари се уште понелогични кога ќе се земе предвид историски најголемата добивка на АД ЕЛЕМ во 2018 година од речиси 30 милиони евра, за која информирале вчера.
„АД ЕЛЕМ не е компанија ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ, ниту на било која друга политичка опција, туку е компанија на сите граѓани на Р. Северна Македонија. И наместо најголемиот профит што го направила компанијата од нејзиното постоење и кој е профит на сите граѓани на Р.Северна Македонија, да биде поздравен, најмалку што се очекуваше денеска е да биде направен обид тој успех да биде минимизиран со неиздржани и неточни информации. Ако со ова се сакаше да се покрие работењето на компанијата во изминатите години, кога АД ЕЛЕМ работел дури и со загуба од 14 милиони евра во одредена година, тоа е некоректно кон самата држава и граѓаните, со оглед на тоа што компанијата ни припаѓа на сите нас.
Во однос на тоа како АД ЕЛЕМ менаџира со водните ресурси во акумулациите, доволно зборува фактот што од продажба на произведените вишоци електрична енергија во 2018 година остварен е приход од 21 милион евра, преку одлично изведените и синхронизирани продажби на вкупно 353.320 MWh енергија со просечна цена за околу 50% повисока од регулираната цена на електрична енергија.
Исто така, сакаме да потенцираме дека компанијата не се користи за ,,згрижување и плаќање на семејствата на функционерите на власта”, туку во компанијата се вработени стручни лица кои помагаат за нејзино успешно и профитабилно работење, што се докажа во 2018г. Сите вработени во АД ЕЛЕМ, од прв до последен, без оглед на нивната партиска, политичка или верска припадност, се стручни за својата работа и придонесоа и продинесуваат за успешното работење и за постигнатата добивка од околу 30 милиони евра во 2018 година
АД ЕЛЕМ е уверен дека овие изнесени лаги и невистини уште повеќе ќе ги поттикнат нашите 4 700 вработени со нивното домаќинско и одговорно работење да постигнат уште подобри резултати во иднина“, велат од ЕЛЕМ во демантот.