Државниот завод за ревизија (ДЗР) да се дефинира како независна институција, да почнат нивните извештаи да се разгледуваат во Собранието од пратениците за да се има отворена дебата, улогата на ДЗР во контролата на политичките партии, особено за трошоците во пресрет на претседателските избори бидејќи првпат ќе имаме избори во кои кампањите ќе ги финанасира државата од јавни пари.
За овие теми разговарале на денешната средба вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и заменик главниот државен ревизор Насер Адеми.
– Освен Антикорупциската комисија како еден нов столб во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во враќање на правната држава, Обвинителството, Координативното тело за борба против организиран и сериозен криминал, ДЗР е основниот столб кој прв детектира аномалии или девијации во употреба на јавните фондови и затоа оваа институција презема обврски да ги покаже своите резултати и пред ЕУ и пред земјите членки дека ние испорачуваме во делот на оваа сериозна намера да ја вратиме правната држава, резимира Османи.
Заменик главниот државен ревизор Адеми изјави дека овој месец одбележуваат 20 години од постоењето на институцијата.
– Подготвени сме за скринингот што го бараат од нас како институција. Учествуваме активно во поглавјето 32 каде е надворешната ревизија, каде ЕУ бара уставна категорија за да бидеме понезависни, независна институција како врховна ревизорска институција, рече Адеми. Потсети дека во 2018 година се дел од твининг проект со нивните партнери од Бугарија и Хрватска, се залагаат нивните ревизорски извештаи да поминат на собраниска комисија и сите ревизорски извештаи ги доставуваат до Собранието.
Тој соопшти дека го ревидираат референдумот од 2018 година и оти по изборите извештаите ќе бидат објавени на нивната веб-страница.
Средбата се реализираше во рамки на посетите на вицепремиерот Османи на институциите надлежни за спроведување на реформите кои беа предвидени во План 3-6-9 и План 18, како и имплементацијата на останатите обврски поврзани со европските интеграции на земјава. Османи претходно ги посети Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.