Полна сала, полно срце. Сите ова го чекавме пет години. Дојде време да си го земеме она што ни го земаа тогаш – огромна победа за сите нас, за нашата држава, за нашето заедичко утре. Со овие зборови претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја почна вечерашната конвенција во Скопје.
-Немам намера ниту една секунда да трошам на тоа што опозицијата нуди на овие избори, зашто не нуди ништо. Само сакам да порачам дека не смееме да се коцкаме со иднината на земјата и да ставиме под ризик се што успеавме да постигнеме. Да му дадеме легитимитет на патот што го одиме овие две години, да не се занесуваме дека некој може да не внесе во ЕУ и НАТО ако го поништи Преспанскиот договор или Законот за јазици. Тоа е пропаганда што не ни носи добро ни како на луѓе, ни како на држава, истакна Пендаровски пред присутните во СРЦ „Борис Трајковски”.
Според него, главниот слоган на Шарената револуција „Нема правда, нема мир”, не смее да се заборави. Напротив, тоа, како што рече Пендаровски, ќе биде и негов принцип како иден претседател.
Конвенцијата почна со интонирање на македонската химна во изведба на Весна Гиновска Илкова, а ја следеа сите присутни во салата.
-Пред некој ден ни тврдеа дека намерно не сме ја пуштиле химната зашто сме потпишале договор што тоа го забранува. Тоа никогаш не било точно, ниту некогаш ќе биде точно. Сега ќе им покажеме на сите што не веруваат, дека цело време работиме за Македонија, потенцира претходно Пендаровски.
Во „Борис Трајковски” беа и премиерот Зоран Заев, министри, пратеници, градоначалници, членови и симпатизери на СДСМ. Освен Заев, обраќање имаше и поранешниот претседателски кандидат Имер Слемани кого Пендаровски го најави како „првиот македонски Барак Обама”. – Стево е идниот шеф на државата и наша најдобра инвестиција зашто од него извира кристално јасната визија за заедничка Македонија: силна правна држава, економски развиена, безбедна и интегрирана во ЕУ и НАТО, порача Селмани.
Потсетувајќи дека солидарноста е еден од носечките столбови на изборната програма и негова лична заложба, Пендаровски пред пристуните на конвенцијата ги претстави и танчарите со даунов синдром од групата „Денсерс јунајтед” кои се подготвуваат за ново светско првенство. Тој со својот тим донираше за групата, а кутии за донации беа поставени на сите влезови на СРЦ „Борис Трајковски”.
Под мотото „Заедно напред”, Пендаровски на први април ја почна кампањата од Прилеп. Досега беше во скопските општини Аеродром, Центар, Сопиште и Студеничани, а утре, по средбите со граѓаните на Чашка, Лозово и Свети Николе, ќе одржи централен митинг во Велес.